Денеска беше извршена ждрепката за новото издание на Еврокупот кој од оваа сезона доживува драстична промена и место 20, ќе има 32 екипи, поделени во четири групи.
Македонија ќе има тројца претставници во ова натпреварување: репрезентативците Ненад Димитријевиќ со Арис и Андреј Јакимовски со Наполи, како и помошниот тренер во националниот тим Ѓорѓи Кочов, со Кемниц. Ждрепката посака Кемниц и Наполи да се паднат во истата, Ц група, па Јакимовски и Кочов повторно ќе играат еден против друг, исто како минатата сезона кога репрезентативецот беше член на Тренто. Исто така, Јакимовски ќе игра против својот поранешен клуб – Тренто, кој се најде во ова друштво, како и Нептунас чиј член е довчерашниот кошаркар на ТФТ, Реј Сомервил.

Димитријевиќ и Арис се наоѓаат во групата А каде е и еден од најголемиот фаворити за титулата Хапоел Ерусалим.
Новата сезона во Еврокупот почнува на 29 септември, а ќе трае најдоцна до 30 април за кога е закажана евентуалната „мајсторка“ во финалето.


