Екипата на Тренто израмни на 1-1 во четвртфиналната серија од италијанскиот плејофот против Виртус откако вечерва славеше во Болоња со 87-84.
Тренто одигра многу подобро отколку пред два дена кога на истиот терен загуби со 71-102 и ја оствари својата цел, со барем една победа да се врати дома. Шампионот на Италија беше далеку под своето ниво, но голема заслуга за тоа имаат гостинските кошаркари.
Тоа особено се однесува за македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски кој одигра одлична одбрана против најдобриот играч на Виртус и петти стрелец во Евролигата, Карсен Едвардс. Американецот, кој во основниот дел од сезоната имаше просек од 15,3 поени, вечерва остана на само шест и тоа постигнати во првата четвртина. Потоа на него во одбраната тргна Јакимовски и Едвардс остана без поени во останатиот дел од мечот.
Јакимовски стигна да се истакне и во нападот и заврши како трет стрелец во својот тим со 13 поени и со само две промашувања од игра (5/6 за два, 1/2 за три).
Следните два натпревара се играат на теренот на Тренто, првиот в петок, а вториот в недела.


