Екипата на Тренто ја оствари четвртата победа во низа во Еврокупот откако вечерва го совлада Лондон Лајонс со 85-73.
Со триумфот, италијанскиот тим се задржа на петтата позиција во својата група, но се израмни со четвртопласираниот Турк Телеком и се доближи на една победа од Будуќност и Бешикташ кои се на делба на втората позиција. Македонскиот репрезентативец во редовите на Тренто, Андреј Јакимовски повторно имаше голем придонес во успехот на својот тим.
Вечерва тој не беше претерано ефикасен, постигна пет поени, но затоа го „затвори“ рекетот и оствари рекорден број скокови. Всушност, собра безмалку половина од вкупниот број на Тренто, 13 што е негов личен рекорд во Еврокупот.
Досегашниот најдобар ефект на Јакимовски во оваа статистичка категорија изнесуваше девет, остварени против Улм, а денешните 13 скока се повеќе од двојно од неговиот просек сезонава во Еврокупот кој изнесуваше 5,8 по натпревар.


