Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски со големи амбиции го очекува новиот предизвик во дресот на Наполи Баскет.
Јакимовски денеска беше официјално претставен како едно од новите засилувања на италијанскиот клуб, а во своето обраќање истакна дека немал дилеми кога ја добил понудата од Наполи.
„Немав никакви дилеми околу изборот на овој проект. Го познавам Неапол и знам дека е град со голема страст кон кошарката и една од најдобрите навивачки бази во Италија“, изјави Јакимовски.
Македонецот минатата сезона настапуваше за Тренто, со кој играше и во европските натпреварувања, па добро знае што го очекува во Еврокупот.
„Имаме длабок и талентиран ростер, со многу одлични играчи. Можеме да оставиме трага и во италијанското првенство и во Еврокупот. Минатата година играв во Европа, па знам дека физичкото ниво на играта треба да биде уште повисоко“, додаде Јакимовски.
Како една од причините за прифаќањето на понудата, македонскиот репрезентативец го посочи и тренерот Јасмин Репеша.
„Тренерот Репеша беше една од причините поради кои ја прифатив понудата на Наполи. Ова е важен проект и се надеваме дека ќе ги оствариме нашите цели“, порача Јакимовски.
Тој веќе одигра неколку подготвителни натпревари за Наполи и се претстави во одлично издание, па се очекува да биде еден од лидерите на тимот.


