Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски денеска ќе го забележи дебито за својот нов клуб Тренто чиј член официјално стана на почетокот од јули.
По пет години во НЦАА, нашиот кошаркар се врати во Италија каде ги помина младинските денови и првпат во кариерата ќе игра во европската сениорска кошарка. Тренто сезонава ќе се натпреварува и во Еврокупот што ќе биде можност за Јакимовски да ѝ се претстави на европската публика.
Минатата сезона Тренто ја освои титулата во Купот на Италија и со тоа обезбеди пласман во Суперкупот кој се игра денеска и утре во Милано. Противник на тимот на Јакимовски во полуфиналето, денеска од 18 часот ќе биде вицешампионот Бреша, а во вториот меч се среќаваат актуелниот првак Виртус и домаќинот на турнирот Олимпија Милано.
Јакимовски имаше успешни подготовки за новата сезона, одигра неколку извонредни натпревари и се очекува да биде важен сегмент во составот на Масимо Канчелери.


