По периодот на адаптација во екипата, македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски полека влегува во ритам и игра се подобро, како во Еврокупот, така и во италијанското првенство.
Тренто вчера ја совлада Тортона со 89-75 за втора победа во Лега А, а нашиот кошаркар повторно беше еден од најдобрите во тимот. За 14 минути во игра, постигна 14 поени со шут 3/4 за два, 1/3 за три и 5/5 од линијата за слободни фрлања, а додаде уште пет скока. Заврши како трет стрелец во својата екипа, зад Џонс и Стјуард кои постигнаа по 19 поени, но играа двојно повеќе од Јакимовски.
По три одиграни натпревари, Тренто се наоѓа на делба на третото место, заедно уште четири екипи. На чело на табелата е Бреша со максимален ефект, а Виртус е зад неа, без пораз, но со натпревар помалку кој ќе го одигра денеска против Кремона.


