Ивица Јаковлевски доби големо меѓународно признание, станувајќи првиот Македонец кој доби покана да учествува и да работи на ексклузивен камп организиран од Генон Бејкер – еден од најценетите NBA Skill Development тренери во светот, кој низ својата кариера работел со Леброн Џејмс, Кевин Дурант, Кајри Ирвинг и многу други врвни кошаркари.
На кампот во Солун, Јаковлевски пристигна со 18 млади и талентирани кошаркари од Македонија, кои имаа единствена можност да тренираат според најсовремените методи за индивидуален развој на играчите. За време на тренинзите, тие покажаа голема дисциплина, желба за напредок и висок квалитет, оставајќи одличен впечаток.
Во текот на кампот, Јаковлевски и Генон Бејкер заедно демонстрираа современи техники, вежби и методи за развој на кошаркарските вештини. Нивната одлична комуникација, професионален пристап и енергија оставаа впечаток како да соработуваат долго време, а заедничката цел беше пренесување на знаење и искуство на младите кошаркари.
Оваа покана претставува големо признание за работата и посветеноста на Ивица Јаковлевски, кој со години работи на индивидуалниот развој на младите кошаркари во Македонија. Воедно, тоа е и силна потврда дека квалитетната работа, постојаното усовршување и професионалниот пристап можат да бидат препознаени и ценети од најреномираните имиња во светската кошарка.


