Работнички се зацврсти на првото место на табелата во Суперлигата откако вечерва славеше на гостувањето кај својот најголем ривал МЗТ Скопје со 74-60.
Тоа беше прв триумф на тимот од Центар против МЗТ по осум порази во низа, но доаѓа во вистински момент за дополнително кревање на еуфоријата која владее во Градски парк. Работнички по седум кола има исто толку победи и веќе е на два бода повеќе од својот најблизок следбеник, во случајов МЗТ Скопје.
Дека Работнички е решен денеска како победник да си замине од „Јане Сандански“, покажа уште на самиот почеток. По седум минути игра, на семафорот стоеше 16-8 за гостинскиот тим. МЗТ брзо се консолидира и со серија од 18-1 пред крајот на првата и почетокот на втората четвртина отиде на 26-17, а минута подоцна и првпат на двоцифрена предност (29-19). Но, она што му се случи на Работнички, подоцна го доживеа и МЗТ кој влезе во криза и му дозволи на противникот до големиот одмор да се доближи на само три поени негатива (35-38).
Клучна беше третата четвртина во која Работнички ги затвори сите приоди кон својот кош и на МЗТ му дозволи само шест поени. Пресвртот беше целосен, па по 30 минути игра, гостинскиот тим имаше големи 12 поени предност (56-44). И во последниот квартал МЗТ тешко стигнуваше до противничкиот кош, Мекиќ беше единствен што се обидуваше нешто да направи, ама не можеше сам кога веќе не доби помош од соиграчите, особено од тројцата странци во тимот кои заедно постигнаа само 18 поени.
Последниот притисок МЗТ го направи на средина од последната четвртина кога се доближи на 59-64, но следуваше серија од 10-0 со која Работнички стави точка на сите дилеми.
Капитенот Ефремовски беше најефикасен кај Работнички со 17 поени, но се истакнаа и Елингсворт со 14 поени и 10 скока и Рикиќ со 12 поени и девет скока. Мекиќ го предводеше МЗТ со 14 поени, 12 скока и шест асистенции. Интересно е тоа што Работнички победи без своето најсилно оружје – шутот за тројка имајќи предвид дека погоди само четири од 22 обида од дистанца, но го натскока противниот со дури 13 прифатени топки поведе (55-42)


