Македонскиот кошаркар Никола Јаничиќ одигра одличен натпревар во дресот на Универзитетот Тенеси Мартин, кој забележа убедлива победа од 128-44 против Еклесија во натпревар од американската НЦАА лига.
Македонскиот кошаркар беше меѓу најрасположените поединци во редовите на победничкиот состав, завршувајќи го мечот со 21 поен. Имаше извонредна реализација од игра, погодувајќи осум од десетте обиди, а особено импресивен беше неговиот шут за три поени, со пет успешни обиди. Синоќешниот ефект е негов личен рекорд во НЦАА откако во саботата постигна 15 поени.
Со тоа беше втор најдобар стрелец на Тенеси Мартин, веднаш зад Рид Конли, кој постигна 22 поени за само 18 минути на паркетот. Оусеину Самбе додаде 17, а Арминас Вилкас 16 поени.
Покрај високата победа, домаќините поставија и клупски рекорд во НЦАА ерата со 39 асистенции, додека со 128 постигнати поени го забележаа и тимскиот рекорд, сметајќи од 1992 година.
За Тенеси Мартин ова беше трета победа во петтиот натпревар од сезоната, а Јаничиќ со своето издание уште еднаш покажа дека може да има значајна улога во американската универзитетска конкуренција.


