Следните две години во НБА лигата можат да бидат многу интересни во однос на создавањето нови супер-екипи, односно прибирање на големи ѕвезди кои се пред крај на договорите со сегашните екипи.
Американските медиуми најавуваат нова експлозија во Голден Стејт Вориорс кој е на пат да направи нов мега-тим. Ако успеат плановите или шпекулациите на тамошните медиуми, Вориорс би можеле во 2027 година да направат екипа во која на Стеф Кари ќе му се придружат освојувачите на вкупно пет МВП трофеи – Никола Јокиќ и Јанис Адетокунбо.
Јокиќ во текот на летото одби продолжување на договорот со Денвер Нагетс. Една од причините е тоа што догодина може да добие повеќе пари, но Американците тврдат дека тој сака да ги види сите можности кои ќе ги добие во иднина. Нагетс поради тоа се растрчаа да му направат силна екипа, кадарна да се бори за титулата во НБА, но претстојната сезона ќе биде клучна за него.
Јанис Адетокунбо одамна се поврзува со други екипи, некои тврдат дека ќе се пресели во Њујорк Никс, но од тоа засега нема ништо. И кај него ситуацијата е слична бидејќи ако претстојната сезона не се бори за титулата, не е изненадување да побара трејд.


