Суперѕвездата на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ го информирал менаџментот на франшизата од Колорадо дека летово нема намера да потпише нов договор и покрај тоа што има можност да добие 212 милиони долари за три сезони.
Со таков договор, тој би имал рекорден договор со плата од над 70 милиони долари по сезона, почнувајќи од 2027 година до кога е врзан со сегашниот. Челниците на Нагетс, вклучувајќи го и сопственикот Џош Кренке очекуваа работата да биде завршена ова лето, но очигледно тоа нема да биде случај.
„Не сум сигурен дали ќе ја прифати понудата или не, но ќе му го објасниме секој финансиски аспект за тоа што содржи договорот ако потпише сега или поддоцна“, изјави Кренке.
Од Јокиќ нема официјална објава зошто не ја прифатил понудата, но американските медиуми имаат две приказни за ова. Првата е дека Србинот ја чека идната година кога ќе може да потпише на година плус (четири сезони) за вкупно 293,4 милиони долари што автоматски ќе ја зголеми неговата годишна плата и ќе си обезбеди повеќе пари.
Втората приказна е дека би можел догодина да се пресели во Лос Анџелес Лејкерс чиј менаџмент сака да го спои со Лука Дончиќ. Вакво сценарио е малку веројатно имајќи го предвид менталитетот на Јокиќ, но не се исклучува, особено ако Леброн Џејмс идното лето ја заврши кариерата или се пресели во друга екипа. Така би се отворил голем простор во селари капот на Лејкерс, па тимот од Лос Анџелес ќе може да му понуди супермакс договор на Јокиќ, а во исто време српскиот центар би дошол во екипа која е подготвена да се бори за шампионската титула.
Последната сезона Јокиќ ја заврши со трипл дабл просек од 29,6 поени, 12,7 скока и 10,2 асистенции, но и покрај таквиот ефект Денвер беше елиминиран во полуфиналето на Западната конференција.


