Српската репрезентација ја продолжија победничката серија за време на подготовките за Европското првенство откако денеска го освои трофејот на традиционалниот турнир Суперкуп во Минхен.
Во финалниот меч, Србите го совладаа домаќинот и актуелен светски шампион Германија со 91-81, потврдувајќи ја уште еднаш фаворитската улога на претстојниот Еуробаскет. Ако им е утеха на Германците, пружија најголем отпор од сите со кои досега се сретна српската репрезентација ова лето.
„Орлите“ го диктираа темпото речиси цел натпревар, но Германија се закани во последната четвртина, поточно четириминутниот интервал во кој направи 16-3 и се доближи на само два поена негатива (71-73). Сепак, Светислав Пешиќ во своите редови има плејада фантастични кошаркари кои во секој момент можат да преземат одговорност. Во овој случај тоа го направија Никола Јовиќ и Алекса Аврамовиќ кои погодија по една тројка и Србија за кратко време отиде на двоцифрена разлика (83-73) по што Германија не успеа да возврати.
Јовиќ беше најефикасен со 22 поена, Вукчевиќ и Гудуриќ реализираа по 11, а тивок беше Јокиќ кој за 25 минути постигна 7 поени, 8 скока и 7 асистенции. Кај Германците доминираше Вагнер кој постигна 26 поени, а Србите тотално го запреа Исак Бонга кој не се запиша во листата на стрелците.


