Репрезентацијата на Србија ја оствари втората победа на Европското првенство откако вечерва, потешко од очекувањата, ја совлаада Португалија со 80-69.
Аутсајдерот во групата добро го намачи големиот фаворит и практично до последните моменти од мечот беше во игра за изненадување. На крајот реши поголемото искуство иако Србија во текот на натпреварот остана без двајца важни играчи во составот – Филип Петрушев и Богдан Богдановиќ, првиот поради исклучување, а вториот поради повреда.
„Орлите“ го диктираа темпото во текот на целиот меч, но секогаш кога ќе направеа повисока предност, Португалците наоѓаа начин да се доближат. На почетокот од втората четвртина беше 28-19 за неколку минути подоцна да биде 30-29. Се чинеше дека отпорот на Португалија е скршен на стартот од второто полувреме кога Србија поведе со 53-35, но на околу две минути пред крајот, противникот се доближи на само седум поени негатива. Незгодните Португалци не се предадоа во ниеден момент, па и Јокиќ иако не играше многу, само 22 минути, мораше да помогне во финишот.
Тој беше најдобар играч во српската репрезентација, за таа лимитирана минутажа постигна 23 поени и 10 скока за индекс 35, а само уште Јовиќ беше двоцифрен, со 18 поени. Диого Брито ги предводеше Португалците со 22 поена и 9 скока, а целосно беше запрен кошаркарот на Бостон, Немиас Куета кој остана на шест поени и два скока.


