Никола Јокиќ и Џамал Мареј испишаа нова страница во историјата на НБА-лигата, откако станаа првиот тандем соиграчи од сезоната 1997/98, од кога се води оваа статистика, кој меѓусебно си подготвил повеќе од 1.000 асистенции.
Историскиот момент се случи во победата на Денвер над Њу Орлеанс со 116-108, во која српскиот центар повторно беше еден од најдобрите поединци на паркетот. Јокиќ го заврши натпреварот со 26 поени, осум скока и десет асистенции, додека Мареј придонесе со 23 поени, седум скока и девет асистенции.
Нивната извонредна соработка е еден од најпрепознатливите заштитни знаци на Денвер во последните години, а сега доби и историска потврда. Двајцата го достигнаа и надминаа прагот од 1.000 асистенции еден кон друг, нешто што досега не му успеало на ниту еден друг тандем во НБА од воведувањето на оваа статистичка евиденција.
Мечот против Њу Орлеанс беше уште една потврда на нивната важност за тимот. Денвер ја забележа четвртата победа на последните пет натпревари и третпат сезонава го совлада истиот противник, додека Њу Орлеанс продолжи со негативната серија од шест порази.
РЕЗУЛТАТИ:
- Денвер – Њу Орлеанс 116-108
- Далас – Кливленд 117-127
- Бруклин – Мемфис 110-129
- Чикаго – Минесота 117-106
- Детроит – Мајами 117-137


