Никола Јокиќ имаше импресивен статистички настап во поразот на Денвер Нагетс од ослабениот Голден Стејт – 35 поени, 20 скока и 12 асистенции.
Сепак, откако тимот од Колорадо не успеа да победи, приказната за здравјето на центарот на српската репрезентација стана актуелна во НБА круговите.
„Тој не е тип на човек кој ќе се жали, а кога ќе ја погледнете неговата статистика – никогаш не би помислиле дека нешто не е во ред. Од натпреварот со Клиперс на 19 февруари, Јокиќ е забавен поради повреда на десниот зглоб. Тоа е неговата рака со која шутира. Кога ќе ги погледнете изгубените топки, ќе видите дека бројот е висок – дури 13 во три натпревари. Не е баш на ниво“, рече новинарот на ESPN, Марк Спирс.
Тој потоа го изрази своето мислење за причината зошто Јокиќ трпи болки.
„Ако пропушти уште еден натпревар, нема да биде во конкуренција за награди на крајот од сезоната. Тој знае дека другите играчи се уште се повредени – Арон Гордон, Пејтон Вотсон… Мислам дека е под голем притисок да биде во дресот на Нагетс, да го држи својот тим ’над вода’. Мислам дека ќе продолжи да игра, и покрај повредата“, додаде познатиот новинар.
Неоспорен факт е дека Јокиќ има проблеми со десниот зглоб, за кои пишуваше Бенет Дурандо од „Денвер пост“, но степенот на сериозност не е откриен во јавноста. Сепак, станува збор за хронична болка, за која Дурандо вели дека се јавувала повремено во последните шест години.
За да бидат номинирани за некоја од индивидуалните награди, како што се МВП, Ол стар или Најдобар дефанзивец, играчите мора да одиграат минимум 65 натпревари во една сезона. Јокиќ пропушти 16 од можни 17 натпревари додека беше надвор од терените поради повреда на коленото претходно во текот на сезоната. Изостанувањето од конкуренција за наградите не е мала работа бидејќи тие подоцна овозможуваат супермакс договор на кошаркарите. Разликата меѓу супермакс и обичен договор може да изнесува и над 100 милиони долари.


