На околу еден месец пред крајот на основниот дел од сезоната во НБА, сериозно е заострена борбата за МВП признанието за кое останаа само двајца кандидати – Никола Јокиќ и Шеј Гилџес Александер.
Двајцата со своите екипи имаа два дуела за краток период, остварија по една победа по што дебатата продолжи со несмален интензитет. На таа тема беше прашан и Никола Јокиќ по ноќешниот меч во Оклахома кој му припадна на Денвер со 140-128.
„Ова е моја трета или четврта сезона по ред во која сум во конкуренција за МВП наградата. Навистина не знам, не можам да го контролирам тоа. Мислам дека играм најдобра кошарка во кариерата, ако тоа е доволно, тогаш добро. Ако е Шеј, сигурно го заслужува тоа бидејќи е неверојатен“, рече Јокиќ.
На последното рангирање, објавено минатата недела, Шеј Гилџес Александер се најде на првото место, но на крајот сепак одлучува панел од новинари и коментатори од САД и Канада.


