Денвер Нагетс ја забележа првата победа во новата НБА сезона на драматичен начин, совладувајќи го Њу Орлеанс Пеликанс со 141-135 по продолжение, иако во еден момент имаше негатива од 23 поени. Никола Јокиќ го запиша првиот трипл-дабл во сезоната, а Џамал Мареј беше најзаслужен за пресвртот со блескава напаѓачка партија.
Српскиот центар го заврши натпреварот со 35 поени, 15 скока и 10 асистенции, стигнувајќи до 199. трипл-дабл во кариерата во регуларниот дел од НБА-лигата. Пред него на вечната листа е само Расел Вестбрук со 209 вакви остварувања.
Сепак, прво име на вечерта беше Мареј, кој постигна 42 поени, од кои осум во продолжението. Денвер имаше огромни проблеми во првото полувреме, во кое Пеликанс постигнаа дури 73 поени, а пред последната четвртина гостите имаа предност од 19 поени.
Во завршните 12 минути домашните кошаркари се разбудија, ја анулираа негативата и изборија продолжение. Таму Денвер беше посигурен и стигна до значаен триумф пред своите навивачи. Кај Њу Орлеанс најефикасен беше Треј Марфи со 26 поени, додека Дежонте Мареј постигна 22.
На другите натпревари од НБА-програмата исто така имаше возбудувања, а Филаделфија остана непоразена, додека Феникс го запиша првиот триумф во сезоната со одличната партија на Девин Букер.
РЕЗУЛТАТИ:
- Шарлот – Мајами 115-110
- Кливленд – Бруклин 125-121
- Филаделфија – Милвоки 127-116
- Вашингтон Визардс – Чикаго Булс 124-120
- Сан Антонио – Далас 122-106
- Хјустон – Атланта 121-114
- Денвер – Њу Орлеанс 141-135
- Феникс – Голден Стејт 131-122.


