Доскорешниот селектор на македонската репрезентација Александар Јончевски денеска официјално ги почна подготовките за претстојната сезона со својот нов клуб, унгарскиот Атомерому.
Со клубот од Пакс тој се договори во текот на летото откако претходно ја прекина соработката со полскиот прволигаш Шлонск. Атомерому во меѓувреме донесе и неколку засилувања и предводен од Јончевски ќе се обиде да направи чекор напред во домашното првенство во однос на минатата сезона кога го освои третото место.
Веќе е направен и планот за пријателски дуели во пресрет на новата сезона. Серијата натпревари ќе почне на 24 август против Феникс МТ Фот, потоа Атомерому ќе се сретне со новиот прволигаш Капошвар, во првиот викенд од септември ќе учествува на турнир во Нирегихаза, заедно со домаќинот, Хонвед и ДЕАК, а на 12 и 13 септември ќе го организира турнирот „Фердинанд Морген“ на кој ќе гостуваат Алба Фехервар, ОСЕ Лајонс и Баскет Брно.
Последниот подготвителен меч ќе биде одигран на 20 септември, против Алба Фехервар, а новата сезона Атомерому ја почнува една недела подоцна, против Седеак на домашен терен. Јончевски и неговиот клуб добија покана за учество на турнирот „Андреј Тафта“ во организација на ТФТ, но терминот се совпадна со „Фердинанд Морген“ и поради поканата беше пријателски одбиена.


