Женската јуниорска репрезентација на Македонија го доживеа и четвртиот пораз на Европското првенство Б-дивизија и со биланс 0/4 ја заврши групната фаза од шампионатот.
Во последното коло, нашите млади кошаркарки загубија од Ирска со 56-89 и ќе се борат за пласман од 17. до 21. место. Повторно решавачка беше втората четвртина која Ирките ја добија со 26-6 и тука ја направија клучната предност
За разлика од претходните натпревари, сега најдобар стрелец во македонската репрезентација беше Ива Колева која има само 15 години (првенството е за кошаркарки до 18-годишна возраст). Таа постигна безмалку половина поени за Македонија (26) со 6 скока и оствари индекс 25, убедливо највисок во нашиот тим. Заслуга за тоа има и селекторот Виктор Петровски кој ја остави Колева, иако меѓу најмладите, на теренот да помине 36 минути. На претходните три меча, таа вкупно имаше 21 поен, а играше во просек по 24 минути.
Својот прв противник во борбата за пласман, Македонија ќе го дознае во текот на денов, откако ќе се одиграат останатите натпревари од групната фаза.


