Македонската јуниорска репрезентација има четири убедливи порази на четирите досегашни натпревари од Еуробаскетот во Белград и ќе се бори за опстанок во А-дивизијата.
Досегашните изданија не влеваат оптимизам, но нема предавање додека постојат шанси за избегнување на едно од последните три места на шампионатот. Утре нашата репрезентација го игра најважниот натпревар бидејќи со евентуална победа на него, веќе ќе има опстанок и ќе се бори за пласман од 9. до 12. место. Со пораз, повеќе нема да има право на кикс и ќе мора да триумфира на последните два меча кои ќе бидат за пласман од 13. до 16. место.
Противник на Македонија утре ќе ѝ биде Израел кој попладнево загуби од Турција во осминафиналниот натпревар, со 67-78. Израелците беа дел од групата А, завршија со биланс 1/2, загубија од Италија и Германија, а единствениот триумф го остварија против Бугарија во првото коло со 80-67.


