Македонскиот јуниорски репрезентативец Александар Сотир во новата сезона ќе биде дел од младинската школа на шпанскиот гигант Уникаха од Малага.
Претходните три сезони, 17-годишниот крилен играч ги помина во Академијата Елче, а сега прави голем чекор напред со преминот во еден од најдобрите клубови во Шпанија. Пред да замине на Иберискиот полуостров, Сотир го носеше дресот на Работнички со кого освојуваше трофеи во младинските категории, а неколку години е стандарден член на македонските репрезентации.
Со оглед на тоа што веќе три години е во Шпанија, Сотир ќе има право да настапува како домашен игра што значи дека нема да фаќа место на странец, а тоа е и дополнителен плус за натамошниот дел од неговата кариера. Претстојната сезона ќе игра во У18 лигата на Шпанија, со надеж дека наскоро ќе го облече дресот на сениорскиот тим на клубот од Малага.


