Јуниорските екипи на Вардар и Водно Санс приредија уште еден спектакл во финалето од У18 лигата на Македонија.
Повторно победи Вардар, сега со 98-91 и ја одбрани титулата освоена лани во Гевгелија. Иако „црвено-црните“ славеа со седум разлика, неизвесно и израмнето беше до влезот на последната минута кога Вардар имаше предност од само еден поен (88-87). Тогаш Данев погоди за +3, Јаничииќ и Сребров во следниот напад не успеаја да реализираат удари за тројка, па повторно Данев од линијата за слободни фрлања го однесе својот тим на 91-87.
Бутемер на 26 секунди пред крајот намали на два негатива, но потоа Терзиевски и Марјановиќ поентираа и Вардар отиде на огромни +6. Јаничиќ за момент ги врати надежите, но немаше време и Митревски со тројка го постави конечниот резултат.

Терзиевски со 24 поени беше најефикасен играч на Вардар, но МВП признанието отиде во рацете на Дамјан Данев кој оствари дабл дабл со 11 поени и 17 скока за индекс 32. Ако победеше Водно Санс, за најкорисен играч сигурно ќе беше прогласен Даниел Бутемер кој одигра велемајсторски натпревар со 32 поена, 17 скока и 7 асистенции.
Ова е четврти трофеј за Вардар во младинските категории оваа сезона откако претходно славеа и помладите пионери во машка и кадетките и јуниорките во женска конкуренција.


