Четири месеци откако на чуден начин го напушти Партизан во пресрет на плејофот од српското првенство, Бруно Кабокло проговори на таа тема и објасни што се случило.
Брзилецот во меѓувреме играше на Олимписките игри и потпиша со Хапоел Тел Авив, но епизодата со Партизан остави дамка на неговата кариера.
„Разговарав со својот агент и тој ми рече дека контактирал со клубот и дека имам дозвола да заминам во САД. Мислев дека тренерот и генералниот менаџер знаат за тоа и го напуштив тимот. Дури кога стигнав во САД ми се јавија да ми кажат дека не може да одам, но јас веќе бев таму и не можев да се вратам. Дојде до недоразбирање, разговорите меѓу клубот и мојот агент продолжија, но јас на крајот не играв.
Искрено, не сакав така да заврши, да беше до мене, ќе останев и ќе ги довршев обврските кон клубот. Сакам да ја искористам оваа прилика и јавно да им се извинам на Партизан и навивачите, таму поминав прекрасно време, со прекрасни луѓе во убава земја и жалам за начинот на кој сето тоа се заврши“, изјави Кабокло во интервју за израелски медиуми.
Бразилецот имаше слична епизода и во Венеција со која потпиша пред почетокот на ланската сезона, но не заигра за овој клуб. Иако имаше договор, Кабокло не се појави на подготовките и потоа инсистираше да добие чисти документи за да се пресели во клуб кој игра во Евролигата. Затоа сезоната за него почна дури кон крајот на ноември во тимот на Партизан со кој иако имаше договор до јуни 2025, остана само шест месеци.


