Како што почна, така и заврши оваа сезона за бразилскиот репрезентативец Бруно Кабокло.
На почетокот од сезоната без дозвола ја напушти Венеција иако имаше валиден договор со италијанскиот прволигаш, а вчера истото го направил и со Партизан чиј член беше од ноември минатата година. Според информациите од Србија, Кабокло заминал за Орландо каде, наводно, имал обврски кон бразилската репрезентација. Партизан веднаш се огласи на оваа тема, во обид да ја разјасни ситуацијата.
„Центарот на Партизан, Бруно Кабокло грубо ја прекрши клупската дисциплина и своеволно го напушти тимот пред финалето на Кошаркарската лига на Србија. Играчот без дозвола од клубот и каква било отштета отпатувал за Орландо, наводно поради обврски кон репрезентацијата на Бразил.
Во својата историја, Партизан не се среќавал со вакви потези на играчите и ќе ги преземе сите правни мерки за да ги заштити своите интереси. Бруно Кабокло со своеволното напуштање направи преседан и на тој начин ги остави соиграчите без помош во финалето. Против него веднаш е почната дисциплинска постапка.
За да се избегнат какви било шпекулации во јавноста, КК Партизан по овој пат потврдува дека финансиските обврски кон Кабокло се подмирени и дека парите никако не можат а бидат причина за ваквиот потег“, се вели во соопштението од КК Партизан.
Партизан в понеделник ја почнува финалната серија од Кошаркарската лига на Србија против Црвена Звезда и во неа ќе биде драстично ослабен.


