Којзнае каде ќе беше лимитот на оваа кадетска репрезентација да не се случеше оној несреќен пораз од Естонија и подоцна победата на Шведска против истиот ривал.
По шест одиграни натпревари на Европското првенство Б-дивизија, нашите кадети се со биланс 5/1 откако вечерва ја победија и Португалија со 70-68 и утре ќе се борат за деветтото место на шампионатот. Колку и да не е тоа утеха за испуштената голема шанса, сепак репрезентативците треба да бидат горди на прикажаното досега.
Конечниот резултат денеска не е реална слика на она што се случуваше на теренот бидејќи Македонија не само што беше во водство 36 минути, туку почнувајќи од втората четвртина, тоа најчесто беше двоцифрено. Највисокото изнесуваше 18 поени разлика и тоа во последниот период (69-51) кога по трите тројки во низа на Нешовиќ и Ѓорѓевиќ, на нешто помалку од шест минути пред крајот, се чинеше дека работата е завршена.
Сепак, Португалците стегнаа во одбрана, украдоа неколку топки и постигнаа лесни поени, а го затворија мечот со 17-1 за да го ублажат поразот. На крајот се гледа само конечнио резултат, а тој вели дека Македонија триумфираше и против Унгарија ќе се бори за деветтото место.
Најрасположени за игра денеска беа спомнатите Ѓорѓевиќ и Нешовиќ, единствени со двоцифрен број поени. Ѓорѓевиќ постигна 22, а Нешовиќ оствари дабл дабл со 20 поени и 12 скока, но двајцата реализираа вкупно девет од десетте тројки на македонската репрезентација.


