Македонската кадетска репрезентација го доживеа и вториот пораз на Европското првенство Б-дивизија во Скопје откако вечерва загуби од Ирска со 67-70.
Натпреварот имаше мошне сличен тек како вчерашниот против Кипар, нашите млади кошаркари го диктираа темпото повеќе од три четвртини, но потклекнаа во последните десет минути кога Ирците направија комплетен пресврт. Во финалниот квартал, гостите постигнаа дури 27 поени и анулираа негатива од 15 разлика колку што имаше Македонија пред крајот на третата четвртина (56-41).
Ирците прво направија серија од 13-0, а натпреварот го завршија со четири поени по ред што им ја донесе победата. Во последниот период, кога македонските кошаркари требаше само да ја потврдат победата, загубија дури девет топки, речиси исто колку што имаа во претходните три четвртини заедно.
Павел Ѓиновски со 19 поени беше најефикасен во нашата репрезентација, Сотир додаде 16, а Лука Чучанов повторно оствари дабл дабл, со 11 поени и 13 скока. По поразите против „аутсајдерите“ во групата, на Македонија ќе ѝ биде потребно чудо за да се пласира во нокаут фазата од Европското првенство.


