Женската кадетска репрезентација на Македонија ја оствари првата победа на Европското првенство Б-дивизија во Истанбул откако утринава го победија Азербејџан со 74-68.
За жал, првиот триумф доаѓа во борба за пласман од 17. до 19. место, но со него најверојатно кадетките го избегнаа дното иако им останува уште утрешниот дуел против Ирска. Денешниот натпревар помина во комплетна доминација на македонската репрезентација која само два пати се наоѓаше во негатива и тоа со по еден разлика, додека во водство беше повеќе од 36 минути.
Највисоката предност изнесуваше 21 поен (60-39), на минута пред крајот на третата четвртина, но потоа неочекувано дојде до пад во играта коој Азербејџанките го искористија за да се доближат на само шест поени разлика со колку и заврши натпреварот.
Ива Колева со 19 поени беше најефикасна во нашата селекција, а се истакна и Теа Трајковска со дабл дабл од 11 поени и 10 скока.


