Женската кадетска репрезентација на Македонија со пораз од Ирска стави точка на Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Истанбул.
Во последниот меч, нашите кошаркарки загубија од Ирска со 53-63 и во конечниот пласман го освоија 18. место. Решавачка за поразот беше втората четвртина која Ирките ја добија со 21-6 и на голем одмор заминаа со предност од 13 разлика (29-16). Во третиот период нашите кошаркарки успеаја да намалат нешто, се доближија на шест поени негатива, но во финишот Ирска отиде на +14 и стави точка на сите дилеми.
Ива Колева со 14 поени беше најефикасна во нашата репрезентација, но Теа Трајковска повторно оствари дабл дабл, со 13 поени и 10 скока. Македонската селекција имаше дури 31 загубена топка и тоа е еден од клучните елементи за поразот.
Со денешниот натпревар официјално завршија настапите на македонските младински селекции на европските првенства за ова лето.


