Денеска во Скопје почна Европското првенство Б-дивизија во кадетска конкуренција, а македонската репрезентација на стартот доживеа неочекуван пораз.
Во првиот меч, нашите млади кошаркари загубија од Кипар со 76-82 и покрај тоа што диктираа темпото и беа во водство речиси цел натпревар. На помалку од четири минути пред крајот водеа и со девет поени разлика (72-63). За жал тука застанаа, Кипарците го затворија натпреварот со серија од 19-4, имаа 11 поени по ред, а во финалните три минути погодија дури пет тројки.
Мечот го завршија со дури 14 тројки од 40 обиди и направија изненадување кое може скапо да ја чини македонската репрезентација со оглед на тоа што, на хартија, Кипар беше еден од аутсајдерите во групата.
Некрунисана остана играта на Лука Чучанов кој оствари монструозен дабл дабл со 18 поени и 16 скока, а македонската репрезентација повеќе нема право на пораз ако сака да остане во игра за пласман во четвртфиналето.


