Можноста за враќање во А-дивизијата пропадна, па кадетската репрезентација на Македонија од утре до сабота ќе се бори за што подобар пласман на Европското првенство Б-дивизија во Скопје.
Следува битка за место меѓу 9. и 16. позиција, а кадетите го добија првиот противник на овој пат. Ќе играат со Данска која не се прослави многу во досегашниот дел од првенството и групната фаза ја заврши на четвртото место во својата група со биланс 2/3 со тоа што двете победи ги оствари против Ирска и Норвешка. Малку недостасуваше да ја освои петтата позиција, но во кругот со Велика Британија и Ирска имаше втор најдобар биланс.

Натпреварот меѓу Македонија и Данска се игра утре, во стандардниот термин од 18:30 часот, повторно во СРЦ „Кале“. Со евентуален триумф, нашата репрезентација продолжува понатаму во борба за пласман од 9. до 12. место, а следен противник ќе биде подобриот од дуелот меѓу Португалија и Исланд.


