Денеска од 17:30 часот во Рига се игра, на хартија, најнеизвесниот осминафинален натпревар, меѓу Италија и Словенија.
Јасно е дека прва перјаница на Словенците ќе биде Лука Дончиќ, па затоа една од главните теми на прес-конференцијата на италијанскиот селектор Џанмарко Поцеко беше како ќе го сопре кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс. Одговорот беше во негов стил – урнебесен.
„Ги имам Франко Барези, Паоло Малдини, Мауро Тасоти и Алесандро Костакурта во одбраната затоа што Мели е убедливо најдобар дефанзивец во одбраната. Логично е да играме цврста одбрана и токму тоа го правиме“, одговори Поцеко.
За помладите, спомнатите четворица воопшто не се кошаркари, туку поранешни фудбалери кои на почетокот од 90. години на минатиот век ја сочинуваа одбранбената линија на Милан, па и на италијанската репрезентација и заедно освоија многу трофеи со „росонерите“.
Италија денеска ќе се обиде да ја прекине серијата од шест порази во дуелите со Словенија. Последниот триумф против денешниот ривал, „аѕурите“ го остварија на Светското првенство во 2006 година кога славеа со 80-76.


