Македонската кошаркарска репрезентација вечерва го игра третиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Во Скопје гостува поранешниот европски шампион Литванија, репрезентација која секогаш ни е во прекрасно сеќавање поради историскиот триумф од Еуробаскетот во 2011 година, но која сега доаѓа во исклучително тежок момент за нас. И противникот има проблеми околу составот бидејќи вечерва не можат да играат евролигашките и НБА ѕвездите, но фондот на играчи во литванската селекција е многу поголем, па ова не се чувствува премногу.

Кај нас ќе недостасуваат најдобрите играчи и оние кои би требало да не донесат до победа. Покрај Ти Џеј Шортс и Андреј Јакимовски, ќе го нема ударниот тандем од првите два меча во квалификациите Димитријевиќ-Хап. На дуелите со Полска и Естонија, тие заедно постигнаа вкупно 94 поени што значи дека оние кои ќе излезат вечер на терен ќе мораат да ги надополнат нивните 47 поени по натпревар. Можеби евентуалното присуство на Ти Џеј Шортс ќе помогнеше малку, но и тој има евролигашки дуел со својот Париз, против Анадолу Ефес во Истанбул. За да се покријат Хап и Димитријевиќ, потребно е некој од останатите да стапи на сцена во нападот или да профункционира најдоброто оружје на селекторот Јончевски – играта во одбраната која под негово водство ни донесе многу успеси претходните години.
Со оглед на развојот на настаните, јасно е дека противникот е голем фаворит, а во исто време се наоѓа и под императив да победи поради февруарскиот неочекуван пораз од Естонија. Но, изненадувањата во кошарката се секогаш возможни, тоа го докажавме пред 13 години против истиот ривал на негов терен, па зошто да не го повториме и вечерва пред домашната публика, во Кале.
Денешниот натпревар се игра од 18 часот, а во исто време почнува вториот дуел во групата, меѓу Полска и Естонија кој е од исклучително значење за нас.


