Суперѕвездата на Феникс Санс, Кевин Дурант остро им одговори на оние кои тврдат дека американската кошарка е во криза и дека остатокот од светот се приближува.
На последните големи натпреварувања, репрезентацијата на САД имаше големи проблеми, на светските првенства не успеа да освои ни медал, а на олимписките игри со огромна мака стигна до златото иако настапи со многу суперѕвезди. Дурант, сепак, не се согласува дека ситуацијата е драматична и тврди дека Американците уште се далеку пред сите.
„Летоска три пати ја победивме Србија и се случи тој еден натпревар на кој тие изгледаа солидно и сите зборуваат за тоа. Франција еднаш не победи, но ние ги совладавме во финалето од Олимписките игри во 2021 и 2024.
Ние ги создадовме Никола Јокиќ, Лука Дончиќ, Тони Кукоч… и влијаевме на нив, исто како и на Џинобили, Паркер и сите тие момци. Ние ги поставивме основите и симпатично е тоа што тие сакаат да ја почувствуваат историјата. Реалноста е дека ние доминираме над нив цело време, а тие еднаш дошле на 20 поени и зборуваат дека не стигнале. Тоа нема смисла, ние ги поставивме стандардите што значи да се игра добра кошарка.
Не можете да користите само тројца кошаркари и да кажете дека остатокот од светот ги стигнува САД. Или тоа да го тврдите поради еден неизвесен натпревр против Србија. Не верувам дека ни се блиску. Тоа што им честитаат затоа што одиграле неизвесен натпревар покажува само дека високо сме ги поставиле стандардите и дека не можат да се натпреваруваат со нас“, тврди Дурант.
Факт е дека за Американците секогаш се најважни олимписките игри, а таму се доминантни од 2008 година и ги освоија златните медали на последните пет изданија на оваа манифестација.


