Македонската кошаркарска репрезентација утре го игра последниот натпревар од претквалификациите за Европското првенство, на гости против Луксембург.
Нашите кошаркари веќе го обезбедија првото место во својата група и утрешниот меч нема никакво резултатско значење, ама евидентна е желбата кај сите, со победа да се заврши овој циклус. Истото го потенцира и еден од најпожртвуваните во националниот тим Ваљмир Какруки кој е секогаш подготвен да „изгине“ на терен за дресот со државниот грб.
„Точно е дека веќе ја завршивме работата со победата против Ирска, но никој од нас не планира да се опушти. Напротив, ќе играме максимално одговорно бидејќи сакаме победа за крај на квалификациите. Кој и да истрча на теренот, сигурно ќе даде се од себе бидејќи само така можеме да ја постигнеме целта“, изјави Какруки.
Македонија утре ќе настапи во изменет состав во однос на натпреварот против Ирска бидејќи Сестина влезе во тимот на местото на Стјуарт, а во Луксембург не отпатуваа Андреј Јакимовски и Марко Луканоски.


