Кошаркарскиот клуб Вардар последните две сезони максимално се посвети на она што најдобро знае да го прави – промоција на млади кошаркари во сениорскиот тим.
Иако не играат во елитата, по две кола во Првата лига, „црвено-црните“ имаат максимален ефект, победувајќи ги Гевгелија и Бутел и тоа доста убедливо. Вчерашниот меч против Бутел (90-75) во Кале го одбележаа и неколку атрактивни потези на кошаркарите на Вардар.
Во главни улоги беа 18-годишните Алексеј Нешовиќ и Жарко Терзиевски кои демонстрираа со какви физички предиспозиции располагаат и колку можат да бидат атрактивни. Нешовиќ во текот на летото се врати од едногодишниот престој во САД и ја прифати понудата од Вардар, а Терзиевски речиси цел живот е во овој клуб и сега е еден од лидерите на екипата.
Вардар сезонава е преполн со талент, во него има еден куп младински репрезентативци, а највозрасните кошаркари имаат по 20 години.


