Дисциплинската комисија на АБА денеска ги изрече казните за што се случија на двата полуфинални дуела од регионалното натпреварување, одиграни на 26 мај.
Најлошо помина кошаркарот на Црвена Звезда, Никола Калиниќ кој е суспендиран на три натпревари што значи дека нема повеќе да заигра против Будуќност во серијата, а ако неговиот тим се пласира во финалето, ќе го пропушти првиот меч. Причина за казната е тоа што во неколку наврати од теренот фрли тврди предмети кон трибините со што, како што објасни дисциплинецот, покажал физичка агресија против гледачите.
За нередите во текот на целиот натпревар, казнета е и Будуќност, со 40 илјади евра и делумно затворање на трибините на „Морача“. Казната ќе се пренесе и на финалето ако црногорскиот тим се пласира во него.
Суспензија доби и кошаркарот на Партизан, Ајзеа Мајк кој нема да игра на вториот меч од серијата против Дубаи затоа што влезе во конфликт со судиите по завршувањето на завчерашниот натпревар. Тој ќе мора да плати и 2.000 евра, додека Партизан е казнет со 500 евра бидејќи „навивачите за време на натпреварот против Дубаи навредувале трети лица“.


