Најдобриот играч во македонското првенство за минатата сезона Виктор Ефремовски и претстојната кампања ќе го носи дресот на Работнички, откако официјално го продолжи договорот со 15-краниот шампион на Македонија.
Репрезентативниот бек летово имаше понуди од странство, но одлучи да остане барем уште една година во Работнички кој со големи амбиции ја очекува новата сезона, во надеж дека конечно ќе ја прекине доминацијата на МЗТ Скопје и ќе дојде до првата титула по 2018 година. Претходното првенство тој го заврши со просек од над 22 поена што не е забележано досега во историјата на македонската кошарка, а кулминација на неговите одлични настапи беше дуелот со Маџари во кој постигна 50 поени.
Ефремовски е трет кошаркар кој го продолжи договорот со Работнички ова лето, по Дамјан Робев и Лука Петровски. Договорени се и две засилувања, во Фатјон Реџа од Чаир и Дерин Говенс од ТФТ, а заедно со Рикиќ, Костоски и Филип Наков, тимот веќе има осуммина квалитетни кошаркари во ростерот.
До почетокот на новата сезоната „црвено-белите“ планираат да се засилат барем со уште еден странец, но претходно треба да ги испатат долговите кон поранешните кошаркари и да ја тргнат суспензијата од ФИБА.


