Најдобриот играч на Голден Стејт, Стеф Кари ја одбележа минатата ноќ во НБА откако во дуелот со Атланта постигна 60 поени.
И покрај тоа, Вориорс не успеаја да победат и доживеаја пораз на гостувањето кај Атланта со 134-141 по продолжение. Кари блесна во последната четвртина во која постигна 22 поена и се чинеше дека ништо не може да го запре ни него, ни неговата екипа. Тоа не се случи бидеј се разбуди Богдан Богдановиќ кој до финишот на последната четвртина имаше само пет поени, а потоа, во период од 30 секунди постигна шест и го сврте резултатот.
Покрај него, почнаа да погодуваат и Јанг, Оконгву и Мареј, па Атланта избори продолжение, а во него тотално доминираше домашниот тим. во првите две минути направи серија од 11-0, Кари се обиде да одговори, но сам не можеше против разработената домашна машинерија, Атланта воспостави контрола, одигра смирено и на крајот славеше.
Кари го заврши натпреварот со десет тројки, вкупно упати дури 37 шута од игра, ама ни тоа не беше доволно за Вориорс кои уште се далеку од плејин зоната со биланс 21/25 и три победи помалку од десеттопласираната Јута. Најефикасен кај Атланта беше Тре Јанг со 35 поени, Окунгву додаде 22 поена и 16 скока, а Џонсон 21 поени, 13 скока и 8 асистенции. Хоукс се десетти на истокот со 22 победи и 27 порази.
РЕЗУЛТАТИ
Филаделфија – Бруклин 121-136
Атланта – Голден Стејт 141-134
Чикаго – Сакраменто 115-123
Далас – Милвоки 117-129
Њујорк – ЛА Лејкерс 105-113
Сан Антонио – Кливленд 101-117


