Петта година по ред, екипата на Црвена Звезда е освојувач на трофејот во националниот Куп кој го носи името „Радивој Кораќ“ откако во вечерашното финале го совлада Партизан со 89-83, по продолжение.
„Црно-белите“ ја пропуштија својата шанса во последните секунди од основниот дел, а иако требаше да биде херој, Карлик Џонс излезе трагичар. При водство на Звезда од 77-76, репрезентативецот на Јужен Судан доби две слободни фрлања, на помалку од четири секунди пред крајот, но го погоди само второто, колку да го израмни резултатот и да го одведе во дополнителни пет минути.
Во продолжение, Звезда подобро се снајде, но имаше и поодморни играчи имајќи предвид дека Партизан го одигра мечот со само седуммина кошаркари. До две минути пред крајот Партизан водеше со 81-80, на 44 секунди намали на 83-84, но не искористи неколку напади, потоа направи и неколку грешки и Звезда го искористи тоа за да ја продолжи доминацијата во српската кошарка.
Останаа некрунисани 34. постигнати поени на Карлик Џонс кој буквално сам го носеше тимот до неизвесната завршница. За Звезда ова е 11. трофеј во Купот „Радивој Кораќ“ и вкупно 14. во историјата, сметајќи ги настапите во СФР и СР Југославија, како и Србија и Црна Гора.


