Австрискиот претставник во АБА лигата, Виена доживеа неверојатен пораз во домашното првенство, откако на гостувањето кај Трајскирхен Лајонс загуби со 37-122.
Виена на овој натпревар настапи со јуниорски состав, што во голема мера ја објаснува огромната разлика на семафорот. Сепак, конечниот резултат од 85 поени разлика останува еден од најтешките порази за клубот во поновата историја и секако голем срам, без разлика што од сениорскиот тим играле само Лукас Цветкова и Керем Јилмазер.
Колку клубот несериозно го сфатил овој меч, доволно зборува и тоа што на клупата не бил поранешниот селектор на македонската репрезентација Драган Бајиќ, кој сега е тренер на Виена, туку Жељко Рашиќ. Во цело прво полувреме Виена постигнала само девет поени и имала 56 поени негатива, па крајниот резултат е дури и добар во однос на она што се случувало во воведните 20 минути.
Очигледно сениорите на Виена ќе настапуваат само во АБА лигата, како и во ФИБА Европа купот оваа сезона, но дали тоа значи дека клубот се откажува од елитната австриска конкуренција, ќе се види во текот на првенството.


