Лошите прогнози за Мајк Џејмс се потврдија. Американскиот кошаркар на Анадолу Ефес е опериран по тешката повреда на Ахиловата тетива, која ја заработи на натпреварот против Црвена звезда во Белград.
Ефес денеска соопшти дека Џејмс бил подложен на операција за реконструкција на Ахиловата тетива, која ја извршил доктор Керем Улку. Според клупскиот лекар Угур Диличик, во зависност од текот на постоперативниот процес и рехабилитацијата, се очекува американскиот бек да биде надвор од терените меѓу седум и девет месеци, но со оглед на тоа што се работи за 36-годишен кошаркар, поверојатна е полошата варијанта што би значело дека за него оваа сезона е завршена по само десетина од нејзиниот почеток.
Џејмс се повреди во третата четвртина од натпреварот во белградска Арена, во кој Црвена звезда славеше со 77-72. По повредата, тој мораше да го напушти паркетот со помош на медицинскиот тим, а сериозноста на ситуацијата беше потврдена со дополнителните лекарски прегледи.
Американецот ова лето пристигна во Анадолу Ефес по пет сезони поминати во Монако и требаше да биде едно од главните оружја на турскиот клуб во новата сезона. Џејмс е и најдобар стрелец во историјата на Евролигата, па неговото долго отсуство претставува сериозен проблем за тимот од Истанбул.
За Џејмс ова е особено тежок удар, бидејќи повредата доаѓа уште на почетокот на неговата прва сезона со Ефес.


