По тешкиот старт на сезоната и неколку порази во низа во првенството и Лигата на шампионите, екипата на Кемниц во чиј стручен штаб е Македонецот, Ѓорѓи Кочов денеска го зеде првиот голем скалп.
Пред освојувачот на ФИБА Европа купот од минатата сезона денеска падна евролигашот Алба и тоа во Берлин. Играчите на Кемниц заслужуваат честитки бидејќи успеаја да дојдат до триумф на гости кај големиот фаворит и покрај тоа што во третата четвртина имаа негатива од 13 поени разлика (39-52). Резултатот го свртеа до крајот на тој период (62-60), а по голема драма и борба во последните десет минути, стигнаа до голема победа.
Кемниц имаше исклучително тежок распоред во првите четири кола од Бундеслигата бидејќи досега играше со двата последни шампиони на Германија, Баерн и Улм, како и евролигашот Алба. Во следниот период ќе има далеку полесна задача, па затоа и се очекува да направи скок на табелата од 11. место на кое се наоѓа во моментов.


