Екипата на Кемниц, во чиј стручен штаб е Македонецот, Ѓорѓи Кочов обезбеди пласман во големото финале од овогодишното издание на ФИБА Европа купот.
Во реванш натпреварот од полуфиналето против шпанскиот Билбао, Кемниц загуби на домашен терен со 73-82, но одлучи убедливиот триумф од првиот меч со 25 разлика (98-73). И вечерва бундеслигашот доминираше во првите три четвртини и се наоѓаше во водство, но во последниот квартал играчите на Билбао почнаа да погодуваат од дистанца и делумно го подобрија впечатокот во овој двомеч. Ова беше само втор пораз за Кемниц оваа сезона во ФИБА Европа купот на вкупно 16 натпревари, а пласманот во финалето е прв за клубот во европските натпреварувања во неговото постоење.
Во финалето, Кемниц ќе игра со турскиот претставник Бахчешехир кој беше подобар од Варезе со +7 во вкупниот биланс. Натпреварите се играат на 17 април во Кемниц и на 24 април во Истанбул.


