Селекторот на американската репрезентација Стив Кер изрази жалење што не му даде минутажа на Џејсон Тејтум на вчерашниот натпревар против Србија, во првото коло од кошаркарскиот турнир на Олимписките игри.
Од 12 играчи, тој искористи десетмина, а покрај Тејтум, на клупа остана само уште Тајрис Халибартон кој, за разлика од кошаркарот на Бостон, не беше разочаран и се забавуваше покрај теренот. Со оглед на тоа што беше еден од најзаслужните за титулата на Селтикс, Тејтум многу тешко ја прифати одлуката на Кер, па селекторот дури и јавно се извини по мечот.
„Се чувствувам како идиот поради тоа што не го пуштив во игра. Натпреварот овде трае 40 минути и можам максимум да искористам десет кошаркари. Џејсон е одлично момче и верувам дека ќе се најде на теренот на следните натпревари“, изјави Кер.
Следен противник на Американците е Порторико и тој меч се очекува да биде само посериозен тренинг за нив.


