Грчкиот кошаркарски клуб Арис направи важен чекор во интерес на македонската репрезентација, откако излезе во пресрет на барањето на Кошаркарската федерација на Македонија за настапот на Ненад Димитријевиќ во националниот дрес.
Македонскиот репрезентативец ова лето го засили тимот од Солун, потпишувајќи двегодишен договор, а клубот покажа разбирање за обврските на Димитријевиќ кон репрезентацијата и дозволи негово приклучување кон подготовките на Македонија.
Димитријевиќ е еден од најважните кошаркари во составот на Македонија и неговото присуство претставува големо засилување за селекцијата. Плејмејкерот зад себе има богато европско искуство, со настапи за клубови како Олимпија Милано, Валенсија, УНИКС Казан, Зенит и Баерн Минхен. Неговото присуство е од исклучително значење бидејќи со тоа ќе биде покриена плејмејкерската позиција и селекторот Берокал ќе може да вклучи натурализиран играч на центар. Дуелот со Австрија во Виена на 30 август е можеби најважен за македонската репрезентација во претстојните претквалификации и поради тоа, од исклучително значење е присуството на најдобрите кошаркари кои ги имаме.
Одлуката на Арис е позитивен сигнал за соработката меѓу клубовите и репрезентациите, а за Македонија значи дека ќе може да смета на еден од своите најквалитетни играчи во важните претстојни предизвици. Со Димитријевиќ во составот, македонската репрезентација добива дополнителен квалитет, лидерство и искуство на бековската позиција.


