Кошаркарскиот клуб МКК Куманово повторно се најде на удар на Дисциплинската комисија при Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), која му изрече нови парични казни поради однесувањето на навивачите.
Според одлуката на КФМ, кумановскиот клуб е казнет со 30.000 денари за плукање на службени лица, согласно член 65 од Дисциплинскиот правилник.
Дополнително, за неспортско навивање, согласно член 66.1, на МКК Куманово му е изречена уште една парична казна во износ од 10.000 денари. Така, вкупната казна за клубот изнесува 40.000 денари.
Ова е третпат во текот на актуелната сезона МКК Куманово да биде санкциониран од КФМ поради однесувањето на навивачите. Од истите причини, клубот мораше да плати скапи казни и по дуелите со Штип на домашен терен и Работнички во Градски парк. Ако се знае дека се одиграни само пет кола, јасно е дека кумановци ќе мораат да преземат нешто за ова да не се повторува во иднина.


