Македонската јуниорска репрезентација официјално обезбеди пласман во четвртфиналето од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Во мечот од четвртото коло, нашите кошаркари го победијс аутсајдерот Кипар со 102-61 и е со максимален ефект во досегашниот дел од првенството. Поради поразот на Украина од Ирска, јасно е и дека Македонија ќе влезе во нокаут фазата како првопласирана во својата група, без разлика на исходот од утрешниот меч токму против Украина.
Победата на денешниот натпревар во ниеден момент не беше доведена во прашање. Македонија беше во негатива само во воведниот дел, по тројката на Кипар по што следуваше серија од 15-0. Кипар делумно се врати во игра во вториот квартал кога намали на осум поени разлика, но нова серија, сега од 17-0 во третата четвртина стави крај на сите дилеми бидејќи водството во тие моменти изнесуваше 65-35.
Стефан Стојковиќ со 18 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, а Луканоски и Ќирилоски додадоа по 17. Македонија може уште вечерва да го добие својот ривал во четвртфиналето, ако Норвешка слави во дуелот со Грузија.


