Екипата на Игокеа ќе се бори за бронзениот медал во јуниорската АБА лига откако во денешното полуфинале доживеа минимален пораз од ФМП со 94-96.
Во босанскиот претставник има двајца јуниорски репрезентативци на Македонија кои со селекцијата до 18 години минатото лето ја освоија титулата на Европското првенство Б-дивизија во Скопје – Коста Ќириловски и Марко Луканоски. Првиот од нив вечерва одигра фантастичен натпревар и беше втор стрелец во тимот на Игокеа.
За 19 минути во игра, Ќириловски постигна 17 поени, повеќе од него имаше само Јовичиќ, но тој играше седум минути повеќе. Нашиот интернационалец шутираше 3/4 за два, 3/5 за три и 2/4 од линијата за слободни фрлања, остварувајќи индекс 16. Луканоски не се запиша во листата на стрелците за 16 минути на тернеот, а оствари три скока и една украдена топка.
Во мечот за третото место, утре од 15 часот, Игокеа ќе игра со Цибона, додека за титулата ќе се борат ФМП и Мега.


