Екипата на Маџари во новата сезона влегува со ново име и целосно изменет идентитет. Клубот отсега ќе настапува како КК Скопје, а ребрендирањето е само еден дел од амбициозниот проект со кој раководството најавува сериозен организациски и спортски развој во следните години.
Новата сезона ќе ја започнат со поранешниот селектор на Македонија, Марјан Илиевски на тренерската позиција, а во стручниот штаб ќе биде и неговиот асистент од националниот тим, Мирко Петрески. Премиерниот натпревар на КК Скопје ќе биде в недела од 18 часот во салата „Јане Сандански“ против Кожув, а влезот за сите љубители на кошарката ќе биде бесплатен.
На денешната прес-конференција беа презентирани новиот идентитет и плановите на клубот. Илиевски говореше и за предизвиците при составувањето на екипата, особено поради новите правила кои го ограничуваат бројот на странски кошаркари. Новиот Кошаркарски клуб Скопје ќе се потпира на помлад домашен ростер, предводен од искусниот капитен Марјан Младеновиќ, а идејата на стручниот штаб е екипата да игра енергична и борбена кошарка.
„Она што се очекува од овој тим е да даде една енергија, на некој начин така и се селектирани, без разлика на искуството, да играме кошарка полна со енергија. Минатата сезона на паркетот бевме подобри отколку во управниот дел, сакаме во новата сезона тоа да го изедначиме, па дури и во управата да сме уште поквалитетни како клуб отколку самите резултати на терен. Мислам дека иницијативата за помал број на странци доаѓа во незгоден период за тренерите и за управата бидејќи потешко се создава тим. Но, од друга страна тоа е голем мотив за овие кошаркари кои се сега да ги подобриме“, изјави Илиевски.
Амбициите на клубот не се поврзани само со резултатите на првиот тим. Новиот претседател Боро Атанасовски потенцираше дека еден од главните приоритети ќе биде изградбата на стабилна организациска структура и развојот на младинските категории. Целта е КК Скопје постепено да создава сопствени македонски кошаркари и да постави база за долгорочен развој, без резултатот во една сезона да биде единственото мерило за успех.
„Мораме да ја креваме организациската и спортската структура во клубот, тие две работи се врзани и не може да се разделат. Ако не направиме база за во иднина да ги развиваме и младинските категории покрај првата екипа, тогаш тешко дека ќе направиме македонски играчи за во иднина. Нема да биде страшно и ако не стигнеме до финале како лани, но да израснеме како клуб“, истакна претседателот Атанасовски.
Оптимизам пред стартот на сезоната има и спортскиот директор Далибор Доневски, кој верува дека и покрај целосно изменетиот состав, КК Скопје може да го продолжи патот започнат минатата сезона.
„Оваа година продолжуваме со приказната што ја почнавме лани, верувам дека мораме да ја надградиме, да бидеме уште подобри. Лани бевме нов клуб, многумина не веруваа во нас, ние го докажавме спротивното на терен. Мое лично мислење е дека сезонава ќе имаме подобра екипа од лани, се надевам и резултатите ќе бидат уште подобри“, порача Доневски.
Кошаркарскиот клуб Скопје така во новата сезона влегува со ново име, нов тренер и значително изменет состав, но со јасна визија – резултатите да бидат проследени со градење на стабилен клуб, развој на младите категории и создавање македонски кошаркарски кадар.


