Откако Кошаркарскиот клуб Вршац го откажа своето учество во АБА 2, српските медиуми почнаа со шпекулации околу тоа кој би можел да го замени.
Во конкуренција се само клубовите од Србија, а во моментов има три кандидати за испразнетото место. Станува збор за Слобода Ужице, Раднички Крагуевац и клубот чиј сопственик е Никола Јокиќ, Џокер. Според пласманот од минатата сезона приоритет има Слобода, но тоа не значи дека овој клуб ќе биде вклучен во регионалната лига бидејќи не е познато дали тимот има амбиции за настап во АБА 2, дали направил тим за ова натпреварување и дали е финансиски подготвен да го покрие своето учество.
Со сите три клуба претстојните денови ќе се водат разговори, а ако некој од нив се нафати, ќе има неполна недела да се подготви за првиот натпревар бидејќи тој е закажан за 2 октомври против Подгорица на гостински терен.
Евентуалниот дуел против македонскиот претставник Пелистер е планиран за третото коло, на 30 октомври во Битола.


